­
­

 

I. аплиЦИРАЊЕ

Кога ќе се објави оглас/јавен повик за пријавување во Програмата Самовработување?

Првиот Јавен Оглас се објавува на 13.01.2025 (понеделник) во дневни весници и ќе трае 10 работни денови, односно до 24.01.2025 (петок).
Јавниот оглас исто така се објавува на веб страните на АВРМ и МТСП (www.avrm.gov.mk; www.samovrabotuvanje.mk и www.mtsp.gov.mk) како и огласните табли во центрите за вработување на АВРМ.

Вториот Јавен Оглас е планиран да трае од 12ти – 23ти мај 2014 година (10 работни денови).

Кој сé може да се пријави за учество во програмата Самовработување?

Во програмата Самовработување може да се пријават невработени лица кои се евидентирани како активни баратели на работа најмалку еден (1) ден пред денот на објавувањето на огласот и кои имаат желба да започнат сопствен бизнис.
Активните баратели на работа се невработени лица кои секој месец се пријавуваат како такви во соодветните центри за вработување на АВРМ.
За подетални информации обратете се кај одговорните лица за програмата Самовработување во надлежните центри за вработување.

Каде можам да се пријавам?

Пријавување на заинтересираните лица за учество во програмата Самовработување може да се оствари во соодветниот Центар за вработување (вкупно 30 центри низ државата) во кој заинтересираните лица се евидентирани.

Дали треба да регистрирам фирма пред да се пријавам?

НЕ. Во програмата Самовработување може да се пријават евидентирани невработени лица кои во моментот на пријавување за учество во програма не се појавуваат во трговскиот регистар на Централен Регистар како основачи односно сопственици на фирма.

Како тече постапката за аплицирање?

Сите заинтересирани невработени лица активни баратели на работа кои за времетраење на огласот ќе пројават интерес за учество во Програмата Самовработување, треба да се пријават во соодветниот Центар за вработување на АВРМ и да пополнат пријава за учество.

Како можам да се подготвам за подобро да го пополнам прашалникот и успешно го поминам овој чекор?

Заинтересираните кандидати за учество во програмата Самовработување можат подобро да се подготват за пополнување на прашалникот на следниве начини:

- Присуство на информативни работилници во надлежниот Центарот за вработување. Местото и времето на одржување на информативните средби може да се добие од одговорното лице за програмата Самовработување во Центарот за вработување
- Индивидуална подготовка преку користење на Прирачникот за распознавање и развивање на претприемачките капацитети и афинитети кај апликантите за Самовработување, како и друга литература од полето на претприемништво.

Каде можам да го најдам прирачникот за распознавање и развивање на претприемачките афинитети кај апликантите за Самовработување?

Прирачникот за распознавање и развивање на претприемачките афинитети кај апликантите за Самовработување може да се најде на веб страницата на АВРМ (www.avrm.gov.mk) и www.samovrabotuvanje.com или да се добие примерок на информативните работилници организирани во центрите за вработување.

II. обукИ

Каква обука добиваат учесниците во Програмата Самовработување и колку трае обуката

Лицата кои успешно ќе го поминат процесот на аплицирање ќе  добијат основна обука за планирање и управување со бизнис во времетраење од 30 часови реализирани во  4 работни дена.

Дали учеството во обуките е задолжително

Да. Учесниците во Програмата Самовработување имаат обврска да учествуваат во планираните обуки. Лицата кои имаат посетено најмалку 80% од вкупниот број на предвидени часови за обука ќе се стекнат со ПОТВРДА за завршена обука. Истата ќе има важност и на наредните два циклуси на пријавување во Програмата Самовработување.

Како ќе дознаеме за резултатот од реализираната обука

По завршување на обуките од секој циклус, списокот на најуспешни бизнис идеи ќе биде објавен на огласната табла во соодветниот Центар за вработување. Успешните кандидати се известуваат од страна на центри за вработување за следните чекори.

Кои бизниси имаат поголема шанса да бидат успешни

За успешен Бизнис план ќе биде оценет оној со најдобра и иновативна идеја која гарантира одржливи резултати. Таков бизнис план може да опфаќа најразлични дејности, пр. земјоделие, градежништво, трговија, производство и најразлични други услужни дејности.

Кога ќе можам да ги користам средствата од грантот

Учесниците во програмата Самовработување чиј бизнис планови се оценети како успешни, ја регистрирале својата фирма и се самовработиле, потпишуваат Договор за користење на средствата од грантот. Од потпишувањето на Договорот учесниците можат да ги користат средствата од грантот.

Дали може да аплицирам во вториот циклус, доколку мојата бизнис идеа не е избрана

Доколку сеуште се водите во евиценција на АВРМ како невработено лице активен барател на работа можете да се пријавите и на вториот јавен оглас.
Ако сте се стекнале со Потврда за посетена обука за водење на бизнис (преку Програмата Самовработување), но Вашата бизнис идеја не е избрана за поддржување можете да учествувате во наредните два циклуси (огласи) од истата програма.

Имам две идеи за започнување на бизнис, како да ја издвојам идејата која најмногу има шанса да успее?

За време на обуката „Основна обука за водење на бизнис и претприемништво“ кандидатите кои имаат повеќе идеи треба да се решат за една која понатаму ќе ја обработуваат и со која понатаму продолжуваат во програмата. Со помош на обучувачите и вежбите кои им се задаваат на кандидатите, кандидатите ќе бидат во можност да издвојат со каков бизнис ќе се занимаваат (зависно од знаењата, вештините кои ги поседуваат, искуството, оригиналноста на идејата итн.)

III. изработка на бизнис план

Кој ги оценува бизнис плановите

Оценувањето на доставените бизнис планови се спроведува од страна на Експертска комисија составена од банкарски службеници за микрокредитирање.

Како ќе дознам дали мојот бизнис план е позитивно оценет и ќе биде поддржан од програмата за самовработување

По завршување на оценувањето и селекцијата на најдобрите бизнис планови, списокот на најуспешни кандидати ќе биде објавен на огласната табла на Центарот за вработување од каде доаѓа кандидатот, како и на веб страните на АВРМ www.avrm.gov.mk и www.samovrabotuvanje.mk.
Центрите за вработување ќе ги повикаат кандидатите со најуспешни бизнис планови на информативни работилници и на кандидатите ќе им се даваат совети за типовите на правни субјекти, потребни документи и чекори за регистрација на бизнисот, како и кои се релевантните институции за обраќање при процесот на регистрација.

Смеам ли да ја сменам идејата за време на изработка на бизнис планот

Учесниците во програмата Самовработување во текот на планираните обуки за развој на бизнис идеа имаат можност да донесат одлука за бизнисот кој имаат желба да го водат. На крајот на обуката кандидатите доставуваат разработени бизнис идеи кои се предмет ка евалуација и селекција. Подносителите на најуспешните бизнис идеи се упатуваат на дополнителна советодавна помош за изработка на бизнис план. Согласно наведеното, веќе разработената бизнис идеа во фаза на обуките не може да се промени во фазата на изработка на бизнис планот.

IV. регистрација на фирма и вработување

Кој тип на правен субјект е најдобар за регистрација на мојот бизнис

Правните форми кои може да бидат искористени за регистрација на бизнисот согласно програмата Самовработување се:

- ДООЕЛ или ДОО
- Трговец поединец
- Занаетчија
- Индивидуален земјоделец -(регистриран преку Централен регистар на РМ)
- Приватна здравствена установа
- Адвокатска канцеларија идр.

Подетални информации кои ќе овозможат олеснување на изборот на правната форма за регистрација на бизнисот ќе бидат дадени во текот на спроведување на програмата Самовработување.

Кога ќе можам да ја регистрирам фирмата

По изборот на кандидатите со најдобри бизнис планови, центрите за вработување организираат информативни работилници каде што кандидатите се информираат за типовите на правни субјекти, потребните документи, чекорите за регистрација на бизнисот, како и каде треба да се обратат во релевантните институции за да извршат регистрација.

Дали можам да вработам и друго лице

50 најдобро оценети и издржани бизнис планови кои предвидуваат дополнително вработување, ќе бидат поддржани со дополнителни 92.000 денари за набавка на опрема и/или материјали.
Останатите ново-регистрирани фирми – корисници, надвор од програмата Самовработување се стекнуваат со можност да вработуваат и други лица согласно правната форма за регистрација на бизнисот и соодветната законска регулатива.

Од кога треба да почнам да плаќам придонеси

Обврските на секоја фирма (правен субјект) започнуваат со регистрацијата на фирмата и вработувањето.

Дали се враќаат парите од грантот

Учесниците во програмата Самовработување кои се стекнале со право на користење на средствата од грантот се стекнуваат со одредени права и обврски. Подолу се посочени дел од обврските превземени од корисниците на средствата од грантот:

• Доколку лицето - корисник на грантот престане со вршење на дејност (а со тоа престане и работниот однос) пред истекот на една (1) односно две (2) години од датумот на регистрирање на бизнисот, освен во случај на смрт или трајна неспособност, или пак само престане работниот однос, а на негово место веднаш не се вработи друго лице, лицето – основач на фирмата има обврска да врати во период од 12 месеци:

− 80% од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, и
− 60% од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, доколку престане со вршење на дејност (а со тоа престане и работниот однос) пред истекот на 2 години од датумот на регистрирање на бизнисот.

• Регистрираниот бизнис кој е поддржан согласно со оваа програма, доколку по истекот на шест (6) месеци од регистрација на бизнисот нема реализирано финансиски трансакции (т.е. исплатена бруто плата) преку Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување на Република Македонија испраќа писмо за опомена за неактивност на фирмата. Доколку по истекот на три месеци од денот на доставување на опомената, лицето- корисник на грантот продолжи со нереализирање на финансиски трансакции во Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување на Република Македонија, ќе започне постапка за враќање на средствата одобрени со грантот.

Доколку мојот бизнис план успешно ја помине евалуацијата/селекцијата, колку време ќе имам за да ја регистрирам мојата фирма

По извршеното рангирање и селекција на најдобрите БП, центрите за вработување во соработка со УНДП ќе организираат информативни работилници каде што на кандидатите ќе им се даваат совети за типовите на правни субјекти, потребни документи и чекори за регистрација на бизнисот, како и каде треба да се обратат при регистрацијата. Кандидатите кои ги имаат обезбедено бараните предуслови за регистрација на правната форма за која се имаат определено потребно им е не повеќе од 5 работни дена за спроведување на процесот на регистрација на фирма преку Централен регистар на РМ.

Што ако се откажам пред или по регистрацијата на фирмата

Во случај на непочитување и неизвршување на обврските од програмата и договорот, за корисниците ќе се применуваат договорените и пропишани санкции:

• Лицата кои во рамките на проектниот циклус, доставиле бизнис планови и чиишто бизнис планови успешно го поминале процесот на евалуација, а ќе се откажат од понатамошното учество, пред искористување на средствата од грантот, не може да се вратат во евиденцијата на невработени лица во АВРМ најмалку една (1) година, сметано од денот на откажувањето.
• Лицата кои ќе ги искористат средствата за набавка на опрема и/или материјали преку Програмата Самовработување, во рок од четири (4) години не може да се вратат во евиденција на невработени лица во АВРМ, сметано од денот на регистрација на бизнисот;
• Доколку лицето- корисник на грантот престане со вршење на дејност (а со тоа престане и работниот однос) пред истекот на една (1) односно две (2) години од датумот на регистрирање на бизнисот, освен во случај на смрт или трајна неспособност, или пак само престане работниот однос, а на негово место веднаш не се вработи друго лице, лицето – основач на фирмата има обврска да врати во период од 12 месеци:

− 80% од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, или
− 60% од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, доколку престане со вршење на дејност пред истекот на две (2) години од датумот на регистрирање на бизнисот.

Ако после отворање на фирмата ми се понуди некоја друга работа, дали можам да се вработам таму, а на мое место да вработам друго лице

Да, потребно е веднаш да се вработи друго лице. Доколку пак, лицето-корисник на грантот престане со вршење на дејност а со тоа престане и работниот однос пред истекот на една (1) година односно две (2) години од датумот на регистрирање на бизнисот, а на негово место веднаш не се вработи друго лице, лицето – основач на фирмата има обврска во период од 12 месеци да врати:

− 80% од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или репроматеријали, или
− 60% од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, доколку престане со вршење на дејност пред истекот на две (2) години од датумот на регистрирање на бизнисот.

Дали можете да ми помогнете да ги обезбедам потребните дозволи, решенија или сертификати кои се неопходни при регистрацијата на правниот субјект во Централен Регистар на Р.М

Обезбедувањето на документи (дозволи, решенија, сертификати, лиценци и др.) кои се потребни при регистрација на некои правни субјекти е обврска на кандидатот.

V.  набавка на опрема и/или материјал

Дали парите можам да ги земам во готово, во кеш

Не. Согласно со условите од програмата Самовработување средствата од грантот можат да се искористат исклучиво за набавка на опрема и материјали/репроматеријали според спецификацијата од изработениот бизнис план, кој е составен дел на Договорот.

Колку изнесува висината на грантот

Учесниците кои ќе ги задоволат поставените критериуми на Програмата самовработување се стекнуваат со право да користат грант во износ од 185.000 денари за набавка на опрема и/или материјали согласно спецификацијата од одобрениот бизнис план, кој е составен дел на Договорот.
Само 50 ново-регистрирани бизнис ќе имаат можност да добијат дополнителни 92.000 денари доколку согласно одобрениот бизнис план го реализираат дополнителното вработување на едно лице.

Дали може да направам промена во делот на набавките

Учесниците кои ќе ги задоволат поставените критериуми на Програмата самовработување се стекнуваат со право да користат неповратни финансиски средства согласно условите наведени во договорот за грант. Набавките ќе се вршат според спецификацијата од изработениот бизнис план, кој е составен дел на договорот.
Доколку се воспостави дека барањето за промена во набавката на опрема или материјали е во согласност со целите како и во насока на реализација на предвидениот бизнис план, во посебно предвидена постапка може да се изврши промена во набавката на опрема/материјали.

Што може да набавам со парите од грантот

Согласно со условите од програмата Самовработување со средствата од грантот може да се набави опрема и/или материјали согласно спецификацијата од одобрениот бизнис план, кој е составен дел на Договорот.

Дали постои рок за користење на средствата или можам да ги користам во било кое време до истекот на важноста на договорот

ДА. Рокот на искористување на средствата ќе биде одреден во соработка со ЦВ и Мониторинг Координаторот на УНДП. Секако секој учесник во програмата треба да има во предвид дека средствата од грантот треба да се искористат во што е можно пократок рок.

Дали со средствата од грантот можам да ги покријам трошоците за кирија, комуналии, сметки за тековни трошоци, дозволи и лиценци за работа

НЕ. Согласно со условите од програмата Самовработување средствата од грантот можат да се искористат исклучиво за набавка на опрема и/или материјали.

Кога можеме да ја добиеме опремата и материјалите набавени преку програмата

Корисникот по извршената регистрација на фирмата и самовработувањето, веќе правно лице, потпишува Договор за доделување на грант. После потпишувањето на договорот за грант корисникот може да започне со реализација на набавките на планираните опрема и/или материјали.

Што ако не ми оди бизнисот

Во случај на непочитување и неизвршување на обврските од програмата и договорот, за корисниците ќе се применуваат договорените и пропишани санкции:

• Лицето - корисник на грантот ако престане со вршење на дејност (а со тоа престане и работниот однос) пред истекот на една (1) односно две (2) години од датумот на регистрирање на бизнисот, освен во случај на смрт или трајна неспособност, или пак само престане работниот однос, а на негово место веднаш не се вработи друго лице, лицето – основач на фирмата има обврска да врати во период од 12 месеци:
− 80% од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, и
− 60% од финансиските средства доколку престане со вршење на дејност (а со тоа престане и работниот однос) пред истекот на 2 години од датумот на регистрирање на бизнисот.

• Регистрираниот бизнис кој е поддржан согласно со оваа програма, доколку по истекот на првите шест (6) месеци од регистрација на бизнисот нема реализирано финансиски трансакции (т.е. исплатена бруто плата) преку Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување на Република Македонија испраќа писмо за опомена за неактивност на фирмата. Доколку по истекот на три месеци од денот на доставување на опомената, лицето- корисник на грантот продолжи со нереализирање на финансиски трансакции во Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување на Република Македонија, ќе започне постапка за враќање на средствата одобрени со грантот.









НАЈЧЕСТИ ПРАШАЊА
МК © Copyright 2012 | Општина Ресен | Сите права задржани| Powered by EntireLogic