,,Ако си невработен не значи дека си неталентиран”, вели Иван, а неговата животна приказна го потврдува токму тоа. Иван го поминал своето детство во згрижувачко семејство, а по напуштањето на училиштето на 19-годишна возраст работел секаква работа: привремена, слабо платена, краткотрајна... ,,Многу обесхрабрува сознанието дека одиш од една до друга привремена работa”, се сеќава Иван. Но, тој не дозволил да биде премногу разочаран. Неговиот прекрасен глас, талент и самодоверба го донесоа и до финалето на државното натпреварување за најталентиран пејач, Македонски идол. Сепак, перспективна работа каде што ќе може да ги искористи своите претприемачки вештини, тоа што најмногу му беше потребно на Иван, беше далеку од остварлива.
Програмата самовработување беше изготвена да допре до лица како што е Иван и да им помогне при развивањето вештини за создавање свој бизнис. Обуките ширум земјата се достапни за секое невработено лице што има остварлива идеја за формирање своја компанија.
,,За проектот слушнав во време кога бев очаен. Идејата самиот да станам шеф-работодавец беше навистина привлечна”, додаде Иван.
Иван се пријави во Програмата во 2009 година и во истата година учествува на првата обука. ,,Обучувачите ни помогнаа да ги претвориме нашите идеи во реални бизнис планови и нè научија за основните начела на менаџментот и планирањето”, истакна Иван.
Обуката му помогна на Иван и на другите учесници да ги прилагодат своите бизнис планови со потребите на локалниот пазар. Планот на Иван за отворање мала пицерија во Скопје беше еден од тие планови кои беа оценети како остварливи од страна на експертите кои ја водат Програмата. Беше назначен соодветен консултант да му помогне на Иван да почне со својата компанија.
Како што вели Иван, за да успеете со мала пицерија (каде што нема поставени маси за купувачите, „Take-away pizza“) потребни ви се бизнис вештини. Тој вели: ,,Трошоците за да се почне со пицерија може да се менаџираат, а јас бев убеден дека постоеше пазар за производите кои јас сакав да ги продавам. Преку Програмата успеав да ја купам целата потребна опрема – рерна, фрижидер, работна маса …”.
Иван го отвори својот бизнис во 2009 година. Популарноста на неговите пици потврди дека неговите претприемачки инстинкти беа соодветни. Неговиот оригинален рецепт за чоколадна пица , прв од таков вид во државата, се покажа како вистински хит меѓу локалните жители.
Успехот на бизнисот на Иван му овозможи да вработи и друго лице, еден стар пријател кој исто така го поминал детството во згрижувачко семејство. ,,Програмата ми помогна мене, а уште подобро е што ми овозможи да помогнам и на други луѓе“.
Додека работи на неговиот последен рецепт за пица Иван се надева дека Програмата ќе се шири и дека и на другите лица како него ќе им ја зајакне довербата, односно ќе им ја обезбеди потребната поддршка за да го следат својот бизнис инстинкт. ,,Јас не бев сигурен дека ги поседувам вештините потребни за да водам бизнис, ниту, пак, имав доверба во себе за да преземам таков ризик”, вели тој. ,,Но сега знам дека го поседувам тоа што ми е потребно и планирам да го надградам овој успех.”
Иван е еден од 4.900 невработени лица кои почнале со свој бизнис или создале сигурни работи откако беше воведена Програмата во 2007 година. Во 2011 година беа одржани 45 дводневни обуки, каде што учествуваа 990 кандидати, од кои 875 ги подготвија и ги поднесоа своите бизнис идеи. Од нив беа селектирани 750 кандидати кои ќе продолжат во наредната фаза за подготовка на бизнис планови преку советодавниот ваучер систем на Агенцијата за поддршка на претприемништвото. Секој одбран кандидат има свој консултант којшто го изготвува бизнис планот заедно со кандидатот. Од 750 подготвени бизнис планови во 2011 година, 700 се одбрани за регистрација, а со тоа стекнаа право да аплицираат за грант за набавка на опрема и материјали. Овие грантови им помогнаа на учесниците да ги покријат основните трошоците при отворање мали бизниси, како што се сметководители, стоматолози, фризери, дури и салони за тетовирање.