­
­

 


Задржи го семејството заедно... Гради ја иднината

 

„Не се во право оние кои велат дека нема работа во државата. Луѓето имаат голем потенцијал којшто останува нереализиран”, вели Ќерим Даути. „Ние треба да настојуваме тука да создаваме работни места, да изнаоѓаме начини за искористување на вештините кои ги поседуваме, а не да ја напуштаме земјата за да најдеме работа некаде надвор”.

Ќерим може да зборува од своето лично искуство, како и многумина и тој го напуштил својот дом во Македонија. Дванаесет години живеел во Австралија и работел во градежната индустрија. Иако успешно го завршил процесот за добивање австралиско државјанство, сепак, Ќерим се вратил назад, на своите корени. „Да се почне сé одново не е лесно”, признава тој, „Кога се вратив на почетокот морав да заработувам како таксист. Во Австралија стекнав големо искуство како столар, но немав самодоверба и знаење како да го применам тоа, па работев ’на црно’ вршејќи столарски работи. Така немав никаква сигурност”.

„Програма самовработување всушност значи помагање на луѓето да можат максимално да ги искористат своите вештини, вели Горан Јовановски, раководител на Секторот за активни мерки за вработување во Агенцијата за вработување на Република Македонија. „Ако успееме да ја постигнеме  таа цел, не само што ќе ја намалиме невработеноста туку и ќе помогнеме да се запре одлевањето на човечки ресурси надвор од државата”.

Според последните анализи, речиси 42% од младите на возраст од 19 до 27 години, најверојатно, ќе ја напуштат државата за да бараат работа во странство, додека 30% се изјасниле  дека, веројатно, ќе ја напуштат државата засекогаш.

На шеесетгодишна возраст, со четири деца, Ќерим најмногу сака да го одржи семејството  заедно. „Јас не сакам моите внуци да емигрираат  во потрага за работа како што направив јас“, вели тој. „Јас ќе направам сé за да обезбедам можности за успех и затоа и аплицирав во оваа програма. Еден пријател ми кажа за Програмата  самовработување, што ми звучеше како добар начин со столарството да работам регуларно и постабилно. Тоа што особено ми беше потребно беше помош околу планирањето. Но, отворањето на работилницата ми даде нешто многу поважно, тоа ми ја зајакна довербата за тоа што сé можам да  постигнам“.

Во време на обуката лицата кои ја следат истата се насочуваат низ процесот на развивање на своите идеи во бизнис планови од страна на тим  експерти-обучувачи. Ристо Иванов, раководител на тимот експерти–обучувачи, објаснува: 

 

 „Нашата цел на обуката е да го советуваме секое присутно лице како да ја презентира својата бизнис идеја и како истата да ја поднесе во писмена форма за да се процени колку е остварлива. Ние настојуваме да го пренесеме нашето искуство и вештина чекор по чекор низ процесот на развивање и надградба на нивните избрани бизнис идеи. Затоа на лицата им даваме специфични вежби со кои им помагаме да ги дефинираат клучните точки кои се поврзани со бизнисот. Овие методи ги прилагодивме посебно на потребите на невработените лица“.

 

Благодарејќи на напорната работа и определбата на Ќерим, заедно со обуката за водење бизнис која ја стекнал преку Програмата самовработување, неговата перспектива и сликата за неговото семејство веќе значително се подобрува. Имено, по завршувањето на обуката, Ќерим ја формализираше својата столарска дејност која сега прераснува во семеен бизнис. Сега и синот и снаата работат со него, а наскоро очекуваат да вработат уште две други лица. 

Во неговата нова и реновирана канцеларија, опремена со помош на грантот од Програмата  самовработување, Ќерим работи на дизајнот на нови производи, заедно со својот син, кој е  исто така е професионален столар.

Тој објаснува: „Порано моите производи ги продавав само локално, но преку обуката научив како да ја планирам продажбата и да се проширам и на други пазари. Сега продаваме во Охрид, во Битола, дури и извезуваме во Тирана и Швајцарија. Тоа што сега треба да го направиме е да ја зголемиме продажбата со извоз во ЕУ. И ако сè се одвива според планот, за кратко време ќе ги вклучам и моите внуци во овој бизнис”, истакнува Ќерим. 


Назад

Новости
МК © Copyright 2012 | Општина Ресен | Сите права задржани| Powered by EntireLogic